Јавната расправа која се одржа на 14 јуни, 2021 во Кинотека на Македонија беше на темата граѓански придонес во подобрување на условите за живот во општините. Настанот ни овозможи увид во иницијативите на две неформални активистички здруженија – „Не биди ѓубре“ и „НаТочак“ како и начините преку кои Општина Карпош им овозможува на граѓаните да се вклучат во подобрување на општината.
Учесници на настанот беа Стефан Богоев (градоначалник, О. Карпош), Ирена Ристиќ (Не биди ѓубре) и Ана Георгиева (НаТочак). Расправата ја модерираше Мартин Анастасовски (Културно Ехо). Во прилог може да прочитате дел од излагањата на учесниците, а видеото од јавната расправа можете да го проследите на YouTube каналот на Културно Ехо.
За настанот известија неколку медиуми, како РадиоМОФ, Вечер Прес и 24 Инфо.
Стефан Богоев

Градоначалникот на Општина Карпош смета дека локалната самоуправа што тој ја води има добра комуникација со граѓаните.
100 отстотно рангирање на скалата на транспарентност ужива оваа општина според „Центарот за граѓански комуникации“ поради објавување на информации од јавен карактер но и информации за кои општината не е законски обврзана да ги споделува.
Меѓу другото, Богоев смета дека највисокото рангирање на скалата на транспарентност на институциите во Македонија е заслужено и поради „респонзивноста на општински служби во комуникација со граѓаните“.
Една од новините во Општина Карпош е мобилна апликацијата за дигитална комуникација со граѓаните.
Со користење на апликацијата мЗаедница (Android и iOs), граѓаните можат да пријавуваат точки за интервенција од страна на општината, да сугерираат иницијативи, подобрувања и да го следат решавањето на пријавен проблем преку GPS и фотографии.
На прашањето како до поголема и подобра соработка помеѓу граѓаните и општините, Стефан Богоев кажа дека е суштински едноставно но за се треба да се седна и да се работи.
Тој потенцира дека воведување на законски решенија е првото нешто кое може да придонесе во подобро функционирање на општините и смета дека иницијативите на граѓанските организации треба да бидат преточени во закони.
Според Богоев, различното толкување на законите од страна на одредени градежни компании и инвеститори е причина што тој има неколку тековни судски спорови. Како претставник на локална власт, тој одговорно тврди дека често пати правилници и закони се менуваат во интерес на инвеститорите.
„Со голем и смислен притисок од НаТочак и други организации, треба да издејствува закон за урбанистичко планирање“ за да би се следеле законите без разлика кој ќе биде следниот градоначалник.
Ирена Ристиќ

Од претставникот на нееформалното здружение, односно група на активисти, „Не биди ѓубре“ добивме увид во предизвиците со кои се соочува нивното движење но и се она што неговите волонтери успеале да го постигнат на своја рака изминативе три години.
Ирена Ристиќ вели дека со придонес од поддржувачите и од волонтерите, како и со донации од македонци што живеат во странство, „Не биди ѓубре“ успева да се стекне со материјали кои се нужни во отстранувањето на купиштата ѓубре на разни локации низ земјава.
Движењето има моторна пила, 20 гребла, лопати и така натаму – но, Ристиќ вели, кога општините учествувале тие не биле доволно спремни со свои материјали (ракавици, вреќи и алат) во акциите за собирање ѓубре.
На прашањето дали активностите на „Не биди ѓубре“ се резултат на отсуството на ангажман од страна на надлежните и нивното немање доволно ресурси, таа одговори дека општините ресурси имаат но дека било која општина може да го прави истото – затоа што „тоа им е работа“.
Самото тоа што се множат граѓански иницијативи е одраз на недоволниот учинок на општините.
„Да не сме ние граѓаните што сме будни секојдневно како пазачи… овде ќе беше потоп“ вели таа, предизвикувајќи ја улогата што општините ја треба да ја имаат во уредувањето и управувањето на општините.
На прашањето дали „Не биди ѓубре“ имале обид да воспостават соработка со некоја од општините, Ирена Ристиќ одговара со прашањето „Зошто би?“.
Таа потенцира дека општините ја барале неа за раскревање на ѓубришта од нивните површини, но, додава дека како првенец во театарот, таа не треба да ја има таа улога.
„За мене лично е погубно што во овие три години луѓето мене ме идентификуваат со ѓубре наместо со награди и филмови. Тоа многу зборува за локалната самоуправа.“
Досега движењето имало контакт со средни школи низ Македонија, односно школите ги барале волонтерите за раскревање на ѓубрето на нивните површини, но соработката не била лесна.
Ристиќ вели дека при секој обид за контакт од страна на школите таа ги прашува одговорните лица: „Зошто да дојдам да го чистам вашиот двор?“ Таа секогаш барала во акциите да земат учество директорите, дел од наставниот кадар, децата и родителите. До сега, ваква акција не се случила.
Ана Георгиева

Според Ана, целта на НаТочак е да го промовираат велосипедот како урбано превозно средство, посочување на актуелни инфраструктурни проблеми и подобување на условите на возење точак.
Според неа, возењето велосипед е право а не привилегија. Со настанот „Критична маса“ што групата го организира цели девет години, тие сакаат да ги популаризираат проблемите со кои се соочуваат велосипедистите.
НаТочак доставиле допис до Град Скопје за организирање на „ден без автомобили“. Еден од предлозите бил Илинденска да се ослободи во недела во текот на целиот ден со цел „паркот да се продолжи на улицата“ поради густиот сообраќај на оваа главна улица во текот на топлите месеци.
Од Град Скопје бил понуден компромис – да се „ослободи“ од сообраќај улицата Васил Карангелески во населбата Аеродром. Тој ден, традиционалното возење велосипеди низ Скопје завршило на токму таа улица.
Од НаТочак испратиле апел, преку медиумите, дека улиците служат за движење на граѓаните и дека колите треба да мируваат.
Друг пример за иницијатива за соработка со локална самоуправа бил обидот да се дискутира регулацискиот план за улицата Ангел Динев во О. Карпош.
Според Георгиева, состанокот со општината и Град Скопје не завршила со позитивен исход, туку само со ветување дека ќе се најде решение за оваа улица да не биде проширена така што ќе им се овозможи поголем простор на моторните возила, а на сметка на велосипедите и пешаците.
НаТочак сметаат дека попречните коридори не овозможуваат проток на велосипедски сообраќај а тоа го прави градот недоволно приемчив за велосипедски сообраќај.
Георгиева вели дека градот треба да ги регулира тротоарите и да воведе ленти за велосипеди и истите да ги регулира. Превентивно треба да се забрани паркирање и да се ограничи брзината на возилата.
Во барањата за „ослободување на тротоарите“, како што вели таа, НаТочак исто така бараат и отстранување на тротоарските рабници кои се под прав агол и нивно заменување со „слеани“ рабници кои овозможуваат непречен велосипедски сообраќај. Но, за жал, градските власти не се погрижиле да се воведе оваа практика до крај и покрај тоа што голем број улици биле реконструирани.
Очекувањата на „НаТочак“ за натамошната соработка со институциите и општините е тоа што тие го бараат од нив да го видат на улиците. Ана Георгиева вели, не само како кампањи и не само „про форма“ сослушување, туку исцело исполнување на потребите за велосипедски сообраќај.
Тие би сакале да имаат увид во тоа што се планира и случува со цел да достават нивни коментари пред да се финализира било кој план за изградба или реконструција. Најчесто, не доаѓа до ваква соработка освен со
коодинативното тело за велосипедски сообраќај на Град Скопје.
Напомена
Настанот беше поддржан од програмата „Support for Electoral Reform – Поддршка на изборни реформи“ која е резултат на соработката помеѓу Швајцарска агенција за соработка и развој (SDC), Меѓународна фондација за изборни системи (IFES) и Национален Младински Совет на Македонија (NYCM).